Печати

Историјат

Во 2006 година со регулативата на ЕЗ број 1085/2006 се поставија основите за воспоставување на Инструментот за претпристапна помош (ИПА) за земјите кандидати за членство на ЕУ и потенцијалните земји членки.

За користење на средствата од ИПА со регулативата на ЕЗ беа поставени услови за воспоставување на систем за управување и контрола на европските фондови.  Исто така, како услов беше и воспоставување на Ревизорско тело за ревизија на ефективното функционирање на системите за управување и контрола со ИПА како и верификација на сметководствените информации кои се доставуваат до ЕК. За таа цел со Одлука на Владата на Република Македонија од 31 јули 2007 година согласно барањето на Европската Комисија,во рамки на Државниот завод за ревизија беше формирано функционално независно Ревизорско тело за претпристапни фондови на Европската унија во Република Македонија за вршење ревизија на поставеноста и функционалноста на структурните и контролните системи за управување со претпристапните фондови на Европската унија во Република Македонија.

Во ноември 2007 година донесени се измени и дополнувања на Законот за државната ревизија  (“Службен весник на РМ” број 133/2007) каде во главата III.- б беа уредени надлежностите и мандатот на Ревизорското тело. Истовремено мандатот на Ревизорското тело беше дефиниран во Анексот А кон Рамковната спогодба помеѓу Република Македонија и Комисијата на европските заедници за правилата за соработка во однос на финансиската помош од Европската Комисија за Република Македонија во рамките на спроведувањето на помошта според инструментот за претпристапна помош  (Рамковна спогодба) и во членот 16 од Секторската спогодба меѓу Владата на Република Македонија и Комисијата на европските заедници за правилата за соработка во однос на финансиската помош од ЕК на Република Македонија и спроведување на помошта според компонента V (ИПАРД) од инструментот за претпристапна помош (Секторска спогодба).

Мандатот и надлежностите на Ревизорското тело се состои во вршење ревизија на системот за имплементација, раководење и контрола во спроведувањето на претпристапната помош на Европската унија во Република Македонија при децентрализирано управување со и без ex-ante контрола од страна на Европската комисија.

Ревизорското тело во рамки на Државниот завод за ревизија функционираше независно од  неговите организациони облици во периодот од 2007 до 2011 година, а соработката со Државниот завод за ревизија се остваруваше согласно Меморандумот за соработка склучен на август 2007 година. Своите надлежности утврдени со Законот, Ревизорското тело започна да ги реализира со именувањето на Иван Игњатов за Раководител на Ревизорското тело со Решение на Владата на Република Македонија и со распоредување на 4 ревизори вработени во Државниот завод за ревизија за извршување на работи и работни задачи во Ревизорското тело.

Во март 2008 година од страна на Европската Комисија одобрен е Проектот за “Техничка помош за градење на капацитетите на Ревизорското тело”. Истиот беше спроведен во периодот од месец април 2008 заклучно со март 2009 година преку осум мисии од страна на странски експерт ангажиран од компанијата Crown Agents – Велика Британија. Основната цел на проектот беше да обезбеди техничка помош на Ревизорското тело за формирање и зајакнување на капацитетите во согласност со ИПА регулативата.

Правото на децентрализирано управување со средствата за претпристапна помош Република Македонија го доби во 2009 и 2010 година и тоа за ИПА компонентите за: Регионален развој (јули 2009 година), за Развој на човечките ресурси (октомври 2009 година), за Рурален развој  за мерки 101, 103 и 302 (декември 2009 година) и за ИПА компонентата за зајакнување на институционалните капацитети (декември 2010 година).

Во периодот 2007-2010 година, Ревизорското тело ги зајакна сопствените капацитети преку вработување на 18 лица и распоредување на 5 лица од Државниот завод за ревизија.

Следејќи ги препораките на Европската Комисија за обезбедување на функционална независност на Ревизорското тело, во мај 2010 година донесен е посебен Закон за ревизија на инструментот за претпристапна помош (ИПА), (“Службен весник на РМ” број 66/2010), со кој се уредува предметот на ревизија, организацијата и надлежностите на Ревизорското тело и начинот на вршење на ревизија на инструментот за претпристапна помош во РМ.

Согласно Законот за ревизија на инструментот за претпристапна помош (ИПА), на 19 мај 2011 година со Решение донесено од Владата на Република Македонија именуван е Владимир Бахчовановски за прв главен ревизор за ИПА. Во јуни 2011 година извршен е упис во Централниот регистар на Република Македонија на Ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош во Република Македонија како независно правно лице .

Со формирањето на Ревизорското тело како посебен правен субјект, преземени се сите 28 вработени од Државниот завод за ревизија во новиот правен субјект - Ревизорско тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош при што е овозможен континуитет во спроведувањето на  ревизијата на ИПА.

Со цел унапредување на соработката помеѓу Државниот завод за ревизија и Ревизорското тело, во октомври 2011 година, склучен е Меморандум за соработка со кој се уредуваат меѓусебните односи во вршењето на надлежностите од делокругот на двете институции, како и размена на податоци и искуства, со што се очекува да се зголеми ефикасноста на досегашната меѓусебна соработка.

На 12 мај 2012 година со Решение на Владата на Република Македонија именувано е лицето Лепосава Апостоловски Велинов најпрво за вршител на должноста главен ревизор за ИПА, а на 29 мај 2012 е именувана за главен ревизор за ИПА.

Во јуни 2012 година отворена е нова сметка за Ревизорското тело како буџетски корисник од прв ред.

Заклучно со септември 2013 година, надлежностите на Ревизорското тело се извршуваат од страна на 31 вработен.

Во Ревизорското тело 27 вработени вклучувајќи го и главниот ревизор за ИПА поседуваат сертификат за овластен државен ревизор, од кои 24 вработени го положија испитот за овластен државен ревизор во 2013 година.

Континуирана едукација и професионално усовршување на ревизорите се спроведуваше уште од самото формирање на Ревизорското тело преку присуство на специјализирани обука во земјата и странство, како што се обуки за финансиско управување со кохезиoниот и структурните фондови, менаџмент и мониторинг на оперативни програми финансирани од ЕУ, неправилности, набавки согласно Праг, внатрешна и надворешна ревизија и сметководство, меѓународни сметководствени стандарди за јавниот сектор, организирани од TAIEX, INTERACT, CEF, Европскиот суд на ревизори, директоратите на Европската комисија, Институтот за јавна администрација во Даблин, Ирска, УНДП, Секретаријат за европски прашања, како и присуство на редовни технички состаноци со претставници на релевантните  директорати на Европската комисија, обука при работа и сопствено стручно усовршување.

Ревизорското тело врши ревизија на ИПА во согласност со меѓународно прифатените стандарди за ревизија, а според годишните работни планови за ревизија во текот на годината врши ревизија на системот за управување и контрола со ИПА  (системска ревизија), ревизија на операции/ и финансиска ревизија.

Првата Стратегија за ревизија на Ревизорското тело за периодот 2009 – 2011 година е донесена во декември 2008 година. Стратегијата за ревизија 2011 – 2013 година го утврдува процесот на планирање кој го опфаќа предметот и начинот на вршење на ревизијата (ревизорскиот универзум) и начинот на развој на капацитетите на Ревизорското тело за вршење на ревизорската работа. Во истата е утврден акциски план кој е врската помеѓу тековната ситуација и целите на ревизорскиот универзум со појаснување на активностите кои треба да се преземат за постигнување на планираните стратешки цели.

Стратегијата за развој на Ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош 2012-2014 е донесена во февруари 2012 година.

Во 2013 година донесен е Стратешки план на Ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош за 2013-2015 година, со што преку исполнувањето на поставените цели во истиот, Ревизорското тело ќе продолжи да придонесува во унапредувањето на процесот на управување со ИПА, отчетноста и транспарентноста во користење на средствата преку давање ревизорски препораки во насока на ефикасно и стабилно функционирање на системот со цел заштита на националните интереси и интересите на Заедницата.

Ревизорското тело до 30 септември секоја година донесува годишни работни планови за ревизија по ИПА Компонента, кои се доставуваат до надлежните генерални директорати на Европската Комисија и до Националниот координатор за авторизација пред почетокот на секоја предметна година.

Исто така, Ревизорското тело во законски утврдени рокови до Европската Комисија, Надлежниот координатор за акредитација и до Националниот координатор за авторизација  доставува:

  • Годишно ревизорско мислење со Годишен извештај за ревизорска активност по ИПА компонента,
  • Годишен извештај за ефективноста на системот за управување и контрола за ИПА Компонента за Рурален развој,
  • Годишно ревизорско мислење со Годишен извештај за сметките и изводот од трошоци за ИПА Компонента за Рурален развој и
  • Годишно ревизорско мислење за Изјавата за гаранција издадена од Националниот координатор за авторизација

Согласно Законот, ревизија на работењето на Ревизорското тело врши друштво за ревизија, Европската комисија и Европскиот суд на ревизори. Извештајот од извршената ревизија на друштвото за ревизија се доставува до Владата на РМ најдоцна до 30 јуни во тековната година.